Панк-реге бунт на ТАКСИРАТ 14!

Панк-реге бунт на ТАКСИРАТ 14!

Таксират со задоволоство ви го најавува настапот на судамерикана ворлдмјузик-панк бунтовниците ЧЕ СУДАКА (CHE SUDAKA), на главната фестивалска вечер од четиринаесеттото издание на фестивалот. Че Судака доаѓаат на Таксират во рамките на нивната актуелна светска турнеја „10“, на која групата го промовира својот последен студиски албум. 2012та е посебна година за групата од Барселона и 10-годишнина од нивното официјално оформување. Jубилејот е уште поголем и со одржаните концерти досега, кои годинава го надминуваат бројот 1000: повеќе од 1000 настапи во 23 земји!

Со објавувањето на нивниот петти студиски албум, Че Судака започна нов чекор не само во артистичка смисла, туку и на организациско ниво. Албумот, кој реферирајќи на јубилејот од постоењето на бендот е едноставно именуван „10“, е објавен под сопствено раководство за нивната издавачка етикетаCavernicola Records. Со овој храбар потег Че Судака го следи својот пат на независен бенд и го пресретнува новиот предизвик со карактеристичната и нагласена позитивна енергија. Некој би рекол: со десет години Че Судака конечно пораснаа! Аргентинските и колумбијските музичари, кои во 2000та стапнаа на средоземното пристаниште на Барселона без документи, успејаа да го издигнат името „Че Судака“ како музичка референца на интернационално ниво. Со напорна работа, голема креативност и уште поголема доверба во успехот на праведниот и „стрејт“ начин на постоење како артист и човечко суштество воопшто, момците од Че Судака ја освоија почитта на публиката и музичката индустрија, како и репутацијата на еден од светските бендови со најмоќните и најлудите настапи во живо.

Кога овие момци настапуваат во живо можеме да очекуваме комплетна експлозија на разгневени тапани, одлични гитари, бас линии со карактеристичен „драјв“ и синтисајзер семплови; со повеќегласни вокали и секако лудото шоу на браќата пејачи Лео и Кача! Токму како создадени за „таксиратџиите“. А за нив, момците од Че Судака не пропуштија да подготват и посебен видео поздрав:

CHE SUDAKA ќе настапат на ТАКСИРАТ во рамките на проектот „Мултикултурализмот во Музиката“ (Multiculturalism in Music) – пилот проектот реализиран во соработка на трите најголеми регионални фестивали Таксират Фестивал (Скопје), Exit фестивал (Нови Сад) иINmusic фестивал (Загреб). Овој проект настојува преку музиката како медиум да укаже на важноста на културните разлики и нивната незаменлива улога во формирањето на современото општество и култура. Проектот „Мултикултурализмот во Музиката“ е дел од европската програма „Култура 2007-2013“.

Главната фестивалска вечер на Таксират 14 ќе се одржи на 8ми декември 2012 (сабота) во „Метрополис Арена“ во Скопје. Че Судака е само првото име од годинашното Таксират финале. Наскоро, очекувајте ги останатите артисти од лајн-ап тимот на Таксират 14, грижливо одбран за уникатна Таксират хармонија на различностите.

ТАКСИРАТ БИЛЕТИ

Билетите за Таксират 14 ќе бидат достапни во претпродажба од петок, 26ти октомври 2012. Првите 1000 влезници ќе се продаваат по цена од 450 денари, а по нивното распродавање, цената на билетите за главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ 14 ќе чинат 600 денари. Билетите за Таксират 14 можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија:

Скопје: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Superfly, Камарат (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);Куманово: Агора;Битола: Хард Рок;Кочани: Комисион Шишко;Штип: Дом на млади;Охрид: ZZ TOP;Гевгелија: Кафе Корзо;Прилеп: City Tobacco.

Време е: ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!

ARRIBA LA VAINA развој: Че Судака е спој на музичари кои станаа славни во стариот град на Барселона, централното место за средба на питачи од целиот свет и извор на инспирација за „фјужн“ на различни стилови. Уште од самиот старт, бендот ја демонстрираше својата бунтовна природа која дојде до израз и со социјалните теми рефлектирани во нивните текстови. Повеќето од нивните песни се осврт кон имиграцијата, социјалната нееднаквост и конфликтот на интереси кои го оцрнуваат човечкото суштество. Во 2002ра година бендот започна да настапува во Барселона: улици, барови, метроа и возови од преградието беа нивните први сцени. Групата беше прв пат интернационално препозната со нивното учество со „SIN PAPELES“ на компилацијата „LA COLIFATA“, која ја претставуваше „местизо“ сцената во Барселона. Својот деби албум „TRIPPI TOWN“ (2003) го посветија на „Plaza del Trippi“, местото на кое прв пат се сретнаа.

Албумот е продукт од различни музички влијанија: патување низ реге, рага, панк-латино и аргентински фолклор. Последователно дојде и турнејтата низ Европа, многу концерти и пријатели ширум светот, што беше одлично влијание за нивниот втор албум: „ALERTA BIHOTZA!!!“ (2005). Тоа е мултикултурен албум кој го води слушателот до реге-панк енергијата со која бендот зрачи на настапите во живо. За продукцијата, групата го задолжи Gambeat, басистот на „Radio Bemba“, кој е одговорен за поцврстиот звук и за студиското „елаборирање“ на нивните екстремно енергични настапи во живо. Две години подоцна го објавија и албумот „Mirando El Mundo Al Reves“. Нивниот претпоследен албум „TUDO É POSSIBLE“ од 2009та, веднаш го достигна 15тото место на „European World Music“ топ листата и беше награден од страна на шпанското списание „Mondo Sonoro“ како петти најдобар албум таа година во категоријата „World Music National“. Во 2010та „TUDO É POSSIBLE“ беше почестен и со наградата на „Unión Fonográfica Independiente“ (UFI) во Шпанија за најдобар албум во категоријата „World Music 2010“.