СУПЕРХИКС – ПОЗИТИВЕН КОНЦЕРТ

СУПЕРХИКС – ПОЗИТИВЕН КОНЦЕРТ

Нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС, на 1-ви декември 2012-та година ќе го прослави своето полнолетство со голем „Позитивен концерт“ во рамките на годинашното издание на TАКСИРАТ фестивал. „Позитивниот концерт“ е финално одбележување на славеничката година за Суперхикс, во која бендот го прославува своето полнолетство, 18-те години од формирањето на групата.

Шестчлената банда формирана во далечната 1994-та година низ 18-те години постоење на македонската сцена, објави едно ЕП “Music for Happiness and Sadness“, три студиски албуми “Чекај бе викам…каде бе малку“, „Трумано“ и „И сега, што?“, два албуми во живо „Саботна фиеста, неделна сиеста“ и „Live in Skopje“, кој за седум дена беше распродаден во 35.000 примероци. Сите изданија на Суперхикс достигнаа вкупна продажба од близу 200 000 копии.

Покрај тоа Суперхикс се појавуваат и на интернационални и домашни компилациски изданија како “Ska Generation”(BRP Records) ,” Се разбудив во движење”(H.O.P.S. Contact Recs.),”Ska Factor Positive”(Ohoho Records).

Листата на бендови со кои Суперхикс ја делеле сцената е долга и респектабилна: Faith No More, Manu Chao and Radio Bemba, Fun Lovin’ Criminals, Fishbone, Tito & Tarantula, Jamiroquai, Arcade Fire, Cypress Hill, Henry Rollins, H-Block, Rico Rodrigez, The Hives, Bad Religion, NOFX, Asian Dub Foundation, Gogol Bordello, Flogging Molly, се само дел од оваа листа.

Во текот на 18-те години постоење, Суперхикс прерасна во бенд кој секоја година се закитува со некоја од музичките награди кај нас. Нивниот мега популарен сингл „Раде“ беше првиот македонски спот прикажан на музичкиот канал „MTV“. Истиот во 2001-та година беше прогласен за „Најдобар спот во Македонија“. „Знам дека љуби“ со истата титула се здоби во 2003-та, додека видео спотот за синглот „Африка“ го освој ова признание на последните „Златна Бубамара“ награди, во 2011-та, кога воедно беше прогласен и за „Хит на годината“. Во 2001, 2002 и 2004-та година бендот е награден како „Најдобар македонски бенд“, а нивниот концерт во „Метрополис Арена“ од 2004-та година ја зема статуетката за „Најдобар рок концерт во Македонија“.

На 1-ви декември, Суперхикс после осум години се враќаат на истата „антологиска“ локација, скопската „Метрополис Арена“, каде ќе го прослават своето креативно полнолетство, а за своите фанови на овој концерт подготвуваат незаборавна позитивна фешта.

Како што бендот веќе најави, Хикси интензивно работат и на подготовките за нивниот нов (четврти) студиски албум. Одлично наговестување за ска-панк експлозијата што не очекува на новото студиско издание се хит-сингловите „На лута рана“, „Африка“ и последниот „Ти треба некој“ кој беше промовиран годинава и со видео спот, на регионалниот „MTV“ музички канал. Објавувањето на албумот е најавено за годинава, а промоцијата во живо овој албум ќе ја има токму на 1-ви декември, во Метрополис Арена.

Во меѓувреме, бидете позитивни, очекувајте дополнителни информации и подгответе се за нови изненадувања поврзани со големиот славенички СУПЕРХИКС концерт!

Веќе е јасно: ТАКСИРАТ се ближи!