Ново ЕП на Кирил Џајковски

Ново ЕП на Кирил Џајковски

По успешната концертна сезона летово и реализацијата на музиката за актуелните македонски филмови Трето полувремеи Балканот не е мртов, шест нови композиции на реномираниот продуцент и композитор се објавени на iTunes.

Кирил веќе има изградено реноме на виртуоз во своето комбинирање на електроника со традиционални македонски етно елементи, a овој пат оди понатаму во своето музичко експериментирање, па новите композиции се реализирани во соработка со извонредните вокали на Гето Прист (Ghetto Priest) од Лондон, ТК Вондер (TK Wonder) од Њујорк и МЦ Васп (MC WASP) од Мелбурн.

Новиот материјал веќе имаше своја промоција на настапите на Кирил изминатово лето (Ле Виеј Шару, Ау Фон Де Ла Ру, Латин О Рок, Лент Фестивал, Рок Оточец, Белград Бирфест, Шпанцирфест…) и наиде на одличен преим кај публиката и медиумите.
Концертните активности на Кирил и понатаму продолжуваат. Оваа сабота (13.10.2012) настапува повторно во Франција на фестивалот Роктамбул во Гренобл, а веќе во ноември следуваат нови настапи во Франција и Нова Каледонија.

Музичката јавност наскоро ја очекува и промоција на новиот видео спот на Кирил Џајковски, снимен за песната „Лион’с Ден“ (Lion’s Den). Песната е воедно и бонус-тема на новото ЕП на Кирил, на која како вокали гостуваат МЦ Васп (MC Wasp) и Гето Прист (Ghetto Priest). Своето концертно промовирање „Лионс’с Ден“ го имаше токму на овогодинешната летна турнеја на Кирил. Видео спотот е компилација на снимки од настапите во живо на повеќе музички фестивали низ Балканот и Европа, сите дел од летната турнеја 2012.

Официјалната видео премиера е на 15ти октомври 2012, на регионалниот музички канал „МТВ Адриа“ (MTV Adria).