SMUT концертна промоција

SMUT концертна промоција

„СМАТ“ (SMUT) конечно ќе ја почестат скопската публика со концертна промоција на материјалот од нивниот последен студиски албум „Мемоарите на скршениот човек“. После успешната промоција на новиот албум, промоцијата на новиот видео спот за песната „Срце на бина“ и концертните гостувања надвор од Македонија, хероите на домашната металкор сцена подготвуваат енергична вечер за скопските фанови на цврстиот звук.

Ова ќе биде прв настап на „СМАТ“ во нивниот роден град после повеќе од година дена, на кој момците ќе го презентираат комплетниот материјал од последниот албум и дел од нивниот претходен опус. Во периодот на мирување од скопските бини бендот беше целосно посветен на подготовките токму на овој албум. Во меѓувреме, дел од новиот репертоар беше „лајв“ претставен во Софија (Бугарија) на 16ти јули, кога втор пат во досегашната кариера „СМАТ“ настапија како предгрупа на нивните музички херои, славниот американски бенд „Хејтбрид“ (Hatebreed).

На 26ти Октомври 2012, „СМАТ“ го пречекуваат Скопје со посебна концертна вечер во клуб „Хавана“, која ќе биде засилена и со настапите на нивните гости, групите „Хардфејсд“ (Hardfaced) од Охрид и „Аутло“ (Outlaw) од Скопје.

Влезниците за концертот се веќе пуштени во претпродажба и можете да ги најдете во ЈУГОТОН РЕКОРДС, CUSTOM PUB, КАФЕ БРАВО, КАФЕ КРУГ (АЕРОДРОМ), по цена од 200 денари. На денот на концертот цената на влезниците ќе биде 250 денари. Почетокот на концертот е во 21:00 часот.

Во меѓувреме, оние кои сѐ уште немаат претстава што ги очекува на 26ти Октомври во клуб „Хавана“, можат да го преслушаат последниот албум на „СМАТ“ на овој линк. “Мемоарите на Скршениот Човек” е нивниот нов, четврти студиски албум, кој е во издание на „Password Production“ и е сниман на разни локации. Албумот содржи десет моќни композиции низ кои „Смат“ ја испреплетуваат болката на еден млад човек и неговата конфузна реалност кој целиот свој живот го поминал во транзиција. Албумот беше официјално објавен во април годинава, а за само неколку месеци ги собра одличните оценки на музичките критичари во регионов. Оценет е како прогресивен и концептуален албум, разнообразно моќно издание кое со одличните аранжмани и мелодии ги надминува клише ограничувањата на хардкор, металкор, модернен или „олд скул“ пристап.

Ако некому сѐ уште не му е јасно: „СМАТ“ е хардкор бенд кој ја започна својата кариера во 1996та година, а момците од бендот (Иловски Ѓорѓи- вокал, Антовски Благоја-тапани, Најдовски Дарко-бас, Дејан Николовски-гитара и Горан Ристевски-гитара) денес веќе важат за херои на хардкор сецената во Македонија. „Смат“ со сигурност се вбројува меѓу омилените бендови на верната домашна публика на цврстиот звук. Бендот во своите песни обработува теми од секојдневниот живот и сите негови аспекти со кои се заокружува постоењето на еден човек. Групата е препознатлива по непоколебливата моќна гитара, впечатливиот цврст звук на тапани и испреплетениот бас звук кој совршено ги спојува другите два инструменти. Во целата инструментална приказна, вокалот се наметнува со својата специфична моќност за промена од „гринд“ до способност за мелодично пеење и мешање на „скрим“ делови, со што песните се трансформираат во целосно реализиран музички пакет. Потврда за својот успех Smut добија имајќи чест да настапуваат на иста сцена со бендови како Sick Of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite, Defdump, Born from Pain, Death Before Dishonor. Зад бендот постојат четири офоцијални изданија: „Smut“, „Forever is not enough“, „All I Have“ и последниот албум „Мемоарите на Скршениот Човек“ кој за првпат ќе имаме прилика да го чуеме во живо, токму на концертот кој го најавуваме.

Приказната продолжува…