Вистинска доза Хладно Пиво

Вистинска доза Хладно Пиво

Конечно, Скопје утре (петок, 24-ти август) ќе го дочека првиот самостоен концерт на Хладно Пиво – најголемиот хрватски претставник на панк рок естетиката.

Во рамките на турнејата „Кирбај и котловина“, Хладно Пиво доаѓа со респектабилниот дводецениски опус и последниот албум „Свијет Гламура“, во енергично двочасовно концертно пакување, а непосредно пред нивното пристигнување, членовите изјавија дека се подготвени за жестока концертна дружба и за својата публика во Скопје подготвуваат двочасовно чисто „пиво“ без конзерванси!

За тоа што претставува Хладно Пиво всушност и не е потребна реклама. А за оние кои сепак не знаат, ќе споменеме: повеќе од 10.000 продадени носачи на звук, околу 600 одржани концерти, освоени 3 Порин награди, 3 Црна мачка награди и најпосетувана интернет страница од сите хрватски бендови.

Бендот Хладно Пиво, познат во регионот по хитовите „Питала си ме“, „Није све тако сиво“, „Само за тај осјечај“, „Пјевајте нешто љубавно“ важи за состав кој, покрај одличната музичка подготвеност, се наметнува и со проникливите текстови, пренесувајќи ја критиката на општественото секојдневие и пораката за социјално свесната публика. Во секој случај група која има што да каже, а тоа особено вреди да се чуе.

Изминатата пролет групата го објави новиот албум Свијет Гламура, од кој произлезе хит синглот „Езотерија“, кој за само неколку месеци имаше речиси милион прегледувања на Јутјуб и влезе во конкуренција за хрватски хит на годината. Потоа следуваа „Свијет гламура“ и „Фотоапарат“, а од пред два месеци и нивниот најнов сингл по кој е насловена и актуелната турнеја „Кирбај и котловина“.

По дводецениската неуморна панк-рок кариера и стил на живот, како и преполните и успешни концерти, освен што не уверија дека се одлични, момците прераснаа во синоним за најголемиот хрватски панк-рок бенд.
Но, останува истиот заклучок: за Хладно Пиво не треба многу да се зборува. Единствена потврда за сѐ ќе биде нивната свирка во петок во летниот клуб „Хавана“ која ќе ви покаже што сѐ можат да сторат Миле (вокал), Зоки (гитара), Суба (тапани), Шоки (бас), Стипе (труба) и Деда (клавијатури).

Хладно Пиво конечно во нашиот град!

Билетите за концертот на Хладно Пиво се достапни во продажната мрежа на МКтикетс (Скопје: Југотон Рекордс, Custom Pub, Браво, Круг Аеродром; Куманово: Агора; Тетово: Амнезија).

Цената на билетите е 400 денари во претпродажба и 500 денари на денот на концертот.

Почетокот на концертот е во 21:00 часот, а влезот за посетителите ќе биде отворен во 20:30 часот.