Хладно Пиво загревање за Пиволенд

Хладно Пиво загревање за Пиволенд

Најпопуларниот хрватски панк рок бенд Хладно Пиво на 24-ти август во летниот клуб Хавана во Скопје ќе одржи ексклузивен самостоен концерт, кој е во склоп на нивната летна турнеја.
Бендот Хладно Пиво, познат во регионот по хитовите „Питала си ме“, „Није све тако сиво“, „Само за тај осјечај“, „Пјевајте нешто љубавно“ последен пат имаше свое незаборавно претставување во Скопје на минатогодишниот Пиволенд кога со концертот пред илјадниците свои фанови го одбележа вториот фестивалски ден.

Изминатата пролет групата го објави новиот албум Свијет Гламура, од кој произлезе хит синглот „Езотерија“, кој за само неколку месеци имаше речиси милион прегледувања на Јутјуб и влезе во конкуренција за хрватски хит на годината. Потоа следуваа „Свијет гламура“ и „Фотоапарат“, а од пред два месеци и нивниот најнов сингл по кој е насловена и актуелната турнеја „Кирбај и котловина“.


Групата во јуни го промовираше и видео записот за овој сингл, кој го снимија на концертот во загрепска Арена, на кој публиката можеше на најдобар начин да види и да почувствува дека музиката која ја свират Хладно Пиво не е само музика туку и стил на живот.
„Спотот, за чија режија е заслужен Игор Вигњевиќ, промовира здрав памет, иронија, зафрканции и енергија. Мрднете ги задниците и уклучете го мозокот!“- сликовито објаснија момците од Хладно Пиво.


На досегашните концерти се покажа дека албумот Свијет Гламура во целост заживеа, а фановите и година дена по објавувањето го пејат со ист жар.
Со песната „Кирбај и котловина“ од овој албум го најавија продолжението на истоимената турнеја на која планираат да ги посетат сите поголеми и помали градови во регионот и пошироко, а на видео записот можете да погледнете и дел од она што не очекува на нивното екслкузивно гостување во Скопје.
Ве известуваме дека бројот на билетите за овој концерт на Хладно Пиво ќе биде ограничен на 800 влезници, а наскоро истите ќе бидат достапни во претпродажба.
Хладно Пиво доаѓа и во нашиот град, а до тогаш уживајте во „Кирбај и котловина“!

На здравје!


Пивографија:
Хладно пиво е еден од најпознатите хрватски панк рок бендови оформен во 1988-ма година. Инаку тие се еден од најслушаните бендови кои и покрај сите свои промени низ албумите, го задржаа истиот автентичен стил.


Групата започна да твори под влијание на бендови како Рамонс, Моторхед, Секс Пистолс, Забрањено Пушење. До сега имаат орджано речиси 1000 концерти преполни со публика, кои често се распродаваат десетина дена однапред. Како бенд тие имаат освоено 7 Порин и 3 Црна Мачка награди.
Потекнуваат од загрепскиот кварт Гајнице и ги одбележаа доцните 90-ти со својата панк рок музика, прераснувајќи во еден од најдобрите хрватски рок бендови на сите времиња. Нивните први три албуми (Џиновски, Г.А.Д. и Десетка) се запаметени како албуми со песни кои во себе ја носат моќта на поп панк, панк рок и хардкор панк музиката и беа само увертира за она што следуваше. Во 1999-та година Хладно Пиво го издаде албумот Победа кој се разликуваше од претходните 3 албуми по тоа што во своите песни носи содржини на ска ритмови, кантри лирика, хеви метал грмење, фолк поетика, џези чувство, а и по песната „Бачки загре стухпа шеја“ која се појави како апокалиптичен народњак.


Во 2000-та година го снимија лајф албумот Источно од Гајница, а следната година главниот актер на Хладно Пиво, Миле Кекин ја искористи за самостојна кариера (Миле и Путници). Во 2002-ра година групата се враќа со фудбалската химна за натпреварите на хрватската репрезентација во Јапонија.


Во 2003-та година Хладно Пиво доживуваат музички бум со објавувањето на новиот албум Шамар, со главната песна од албумот, „Цимер Фраи“ и спотот направен само за промоција на албумот. Албумот ги доби и официјалните Порин признанијата за својот квалитет, а групата следната година ја започна големата турнеја насловена „Рунда за Све“ во чии рамки одржа низа концерти кои ги посетуваа илјадници луѓе.
Пролетта 2007-ма година е објавен албумот Књига Жалбе со носечката песна „Није Све Тако Сиво“, а изминатата година групата стана повторно концертно аклтуелна промовирајќи го последниот албум Свијет Гламура.