Незаборавно Д ФЕСТИВАЛ издание

Незаборавно Д ФЕСТИВАЛ издание

Околу пет часот по полноќ со сетовите на диџеј тимот на Антена 5 Радио, утрото на 29ти јули го зтаворивме второто издание на Д Фестивал. Годинава повеќе од 4000 посетители беа дел од осумчасовното фестивалско лудило и заедно со артистите кои приредија исклучителен концертен перформанс, допринесоа за уште една незаборавна и максимално позитивна ноќ на автентичното дојранско крајбрежје.

Понесени од минатогодишните импресии од целовечерниот драјв на позитивна енергија во публиката, влеговме во организирањето на ова издание со особено задоволство, но не претпоставувавме дек а постои уште повисоко скалило во мерата на доброто располжение, колективната катарза, насмевките и задоволството на посетителите.

Најголемата еуфорија Д Фестивал 2012 ја доживеа додека на сцената настапуваа мајсторите за концертна забава, омилените S.A.R.S. и славната британска музичарка SONIQUE која ја круниса вечерта. SONIQUE не одолеа на разиграната магична атмосфера, па и самата одлично расположена се забавуваше со присутните на концертите пред нејзиниот настап. Долго ќе се памети концертот на рок легендите Зијан,  чии песни гласно ги пееше секој од присутните, без разлика на возраста, а групата на најдобар начин ја потврди својата релевантност на македонската рок сцена. Откритие на фестивалот беше солунскиот џипси панк состав Baildsa кој првпат се претстави пред нашата публика, но комплетно ја освои уште со самото појавување на сцената и приреди експлозивен перформанс  во кој неуморната енергична публика веднаш се препозна.

Д Фестивал 2012 на најдобар начин по втор пат ја оправда својата иницијатива да ја задоволи потребата за уникатен open-air музички хепенинг.

Им благодариме на сите посетители кои допринесоа за екстремно позитивното фестивалско искуство и ве очекуваме догодина на уште подобар, поеуфоричен, а веќе сигурно знаеме и најпозитивен Д Фестивал 2013!

Се гледаме следната година!