Џајковски на Ле Виеј Шару

Џајковски на Ле Виеј Шару

На 21 јули, Кирил Џајковски настапи на најголемиот музички фестивал во Франција Ле Виеј Шару. Веќе утринава беа објавени и првите рецензии на француските медиуми во кои се вели дека токму миксот на балкански звуци и електро/даб на Џајковски го раздивижи фестивалот и го разбуди Керампуил, не дозволувајќи никому да одолее на неговиот ритам. Кирил настапи на третиот фестивалски ден, кој имаше 70.000 посетители, и веднаш пред култниот Стинг и француските електро ѕвезди Џастис.

Ле Виеј Шару (Les Vieilles Charrues) привлекува околу 200.000 посетители, досега имаат гостувано имиња како Трејси Чепмен, Лени Кравитц, Килерс, Моби, Џемироквај, Тинг Тингс, Снуп Дог, Хемикал Брадерс, Брус Спрингстин, Зизи ТОП, Ванеса Паради, а оваа година покрај споменатите Стинг и групата Џастис, ќе настапат и Кјур, Боб Дилан, Казабиан, Гарбиџ, Портисхед и многу други.

Кирил Џајковски продолжува да ниже успеси на светската музичка сцена…
Неговиот виртуозен еклектичен микс на брејкбит, дабстеп и електроника со традиционални балкански мелодии и настапот заедно со тројца реномираните пејачи и автори ТК Вондер од Њујорк, МС ВАСП од Мелбурн и Гето Прист од Лондон, македонскиот Серчук оркестар и Владимир Крстев од Македонската филхармонија, е вистинска добитна комбинација која ги освојува срцата на масовните европски фестивали…

Досега рецензиите ги нарекоа балканско торнадо, калеидоскоп на емоции и амбасадори на Балканот…
Кирил овогодишната летна турнеја ја започна на фестивалот Риперкашн во Шпанија рамо до рамо со култниот Ману Чао, за да продолжи на големите фестивали Лент и Рок Оточец во Словенија и Ау Фон Де Ла Ру и Латин О Рок во Франција, со имиња како Мејси Греј, Тито енд Тарантула, Џон Скофилд, Скиндред, Лаки Питерсон, Гогол Бордело, Мувитс, Џенерал Електрикс, Диџеј Спика и тн.
Секако, и домашната публика имаше можност да ужива на музиката на Кирил на прилепскиот Пивофест.


Во август Кирил Џајковски повторно се враќа на Балканот со настапи на Белград Биерфест и Шпанцирфест во Вараждин.
Македонски продуцент и композитор паралелно со настапите работи и на музиката за двата нови македонски филмови „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. Проектите се веќе во својата завршна фаза.
Дали Ви споменавме дека наскоро ќе излезе и најновиот албум на КИРИЛ?!!