SONIQUE на Д Фестивал

SONIQUE на Д Фестивал

Д Фестивал годинава повторно ќе биде местото каде што ќе се создава фестивалската историја и каде што ќе се танцува до изгрејсонце. Покрај веќе најавените С.А.Р.С., Antenna 5 Radio и Password Production ви претставуваат уште една одлична новост за сите љубители на незаборавните подиумски денс доживувања: својот настап на Д Фестивал (28-ми јули) го потврди и славната британска музичарка SONIQUE!

Директно од Лондон, Sonia Clarke позната како Sonique, денес важи за инспирирачка и уникатна фигура на современата денс сцена. Таа е пејачка, диџеј, продуцент и композитор, а музичкиот свет ја препознава како еден од највозбудливите артисти на денс сцената со потполно автентичен звук. Нејзиниот интернационален мегахит „It Feels So Good“ во 2000-та беше број еден хит на најголемите светски листи, заврши како британски бр.1 хит додека Sonique таму истовремено го имаше и второто место со песната „Sky“, а ѝ обезбеди почесно место и во Гинисовата книга на рекорди. Наредната 2002-ра година таа победи на престижните Brit Awards во категоријата Најдобар британски женски соло артист и тоа во конкуренција на Dido, Jamelia, PJ Harvey и Sade. Во моментов SONIQUE е актуелна со нејзиниот последен албум „Sweet Vibrations“ кој го објави минатата година, а во мај 2012 излезе и нејзиниот најнов сингл „What You’re Doin’“ кој е фантастично ремикс пакување, примамливо за сите потправци на денс музиката. Она што ја прави Sonique уникатна како диџеј е спојот на нејзиниот совршено моќен и истовремено емотивен вокал со природниот талент за микс, создавајќи секој пат уникатна клубска атмосфера, а токму таков незаборавен перформанс не очекува и на сцената на Д Фестивал во Дојран.

Д Фестивал годинава ќе се одржи на 28-ми јули, на паркинг Гранит во Дојран. Билетите за фестивалот можете да ги најдете во продажните салони на ONE (Куманово, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кочани) и продажната мрежа на МКтикетс (Скопје: Југотон Рекордс, Кастом Паб, Круг Аеродром; Гевгелија: Кафе Корзо; Штип: Током А).

Цената на билетите во претпродажба е 250 денари, а билетите кои ќе се продаваат на билетарата на Д Фестивал ќе чинат 300 денари.

Биографија:

Родена во престолнината на Англија, од родители со потекло од Тринидад, Sonique годините од нејзиното најрано детство ги памети со звуците од колекцијата на плочи на нејзината мајка: Marvin Gaye, Roberta Flack, Gladys Knight, Otis Redding и Denice Williams. За време на школските денови пак во преден план е нејзиниот спортски талент и таа сонува да стане најуспешна атлетичарка, но сѐ до моментот кога на една трка ќе заврши на второ место. Тоа е првата пресвртница во нејзиниот живот и таа тогаш се насочува кон музичката кариера и клубските забави. „Бев втора во трката, а не бев научена да губам“ – вели Sonique. Во добра мера ова ја покажува и нејзината животна филозофија: Или биди најдобар или не се труди. Со нејзината музичка кариера, таа во секој случај ја претвора оваа теорија во пракса.

На 17 години Sonique се приклучува како вокал на реге бендот Fari и започнува да работи и на творење музика. Нејзината прва снимка од тинејџерските години е „Let Me Hold You“ која веднаш стана клубски хит и влезе во топ 25 денс листата на Британија без никаква промоција. По распаѓањето на реге бендот, таа потпишува самостоен договор благодарение на кој веднаш станува клубски хит во Велика Британија. Во тој период Sonique стапува во контакт со неколку артисти од новата ејсид хаус сцена, кои истотака работат како диџеи, меѓу кои се и Tim Simenon (Bomb the Bass) и Mark Moore (S’Express). Со нив пишува и снима песна, при тоа приклучувајќи се на S’Express како вокал и ко-автор за објавувањето на нивниот втор албум. Тоа е период кога таа учи многу за диск џокејството од нејзините пријатели и цели три години ги развива своите диџеј способности, пред конечно прв пат јавно да настапи како диџеј во 1994-та година. Веќе во јануари следната година, Sonique го добива и својот прв договор за резидент диџеј во Лондонскиот клуб Swankey Mode. Следен успех и отскочна даска за светската популарност е нејзината резидентура од 1997-ма до 1999-та во Manumission на Ибица. Во меѓувреме таа пропатува низ многу земји ширум светот настапувајќи како диџеј.

Оваа конекција со глобалните музички фанови ќе го зајакне нејзиното разбирање за она што го сака публиката и како тоа влијае на нив. „Во Англија поп изданијата стартуваат во клубовите“ објаснува таа. „Миксовите прво ги слушате во клубовите. Тоа што сум диџеј ми помага да можам да видам што сакаат луѓето кога излегуваат да се забавуваат.“ Штом таа застане зад диџеј пултот, со самото претставување веќе успева да оствари конекција со публиката и ја стартува атмосферата за незаборавна вечер. Тукушто ќе помислите дека сте ја чуле најдобрата трака на вечерта таа го крева доживувањето на ново скалило надополнувајќи го сетот со совршено крешендо на елегантни вокали кои се токму тогаш инспирирани, но сепак звучат како да се задолжителен дел на сетот. Ваквиот редок талент во клубските перфоманси е типичен за Sonique.

Другиот дел од нејзината кариера е пишувањето, снимањето и ремиксите на музика која е претежно ориентирана кон денс и соулфул жанрот и која секојпат е со висок потенцијал да ги освојува врвовите на клубските, но и поп листите. Досега нејзин најголем хит е песната „It Feels So Good“, која беше реиздадена во 2000-та и се најде на самиот врв во многу земји таа година. Оваа трака прерасна во меинстрим хит прво во САД, пробивајќи се во националната топ 10 листа, а потоа во мај стана и британски бр.1 хит.

Нејзиниот деби албум само во Велика Британија е продаден во повеќе од милион примероци. Името на Sonique се најде и во Гинисовата книга на рекорди, како првиот женски соло артист кој три недели се задржал на бр.1 местото, после Kate Bush со синглот „Wuthering Heights“ во 1978-ма. Со успешните сингл изданија и албумот кој се искачи на британската топ 10 листа, Sonique ги надмина останатите номинирани како Dido, Jamelia, PJ Harvey и Sade на Brit Awards 2001 и ја освои титулата Најдобар британски женски соло артист.

Во 2010-та таа го објави новиот сингл „Only You“, снимен во соработка со диџејот и продуцент Paul Morrell, кој влезе во топ 5 британските клубски хитови.Минатата година беше објавен и нејзиниот последен албум „Sweet Vibrations“, а во мај 2012 излезе и нејзиниот последен сингл „What You’re Doin’“. Годинава се очекува и објавувањето на уште еден нејзин студиски проект кој ја вклучува како вокал на новиот албум на Wally Lopez.

Sonique до сега има објавено четири соло албуми, повеќе од 12 синглови и има остварено долга низа соработки на проекти со други артисти од Willian Orbit преку Josh Wink до Tomcraft. Неколку издавачки куќи имаат објавено и албуми со миксови во живо од диџеј сетовите на Sonique.