MARRACASH ORCHESTRA

MARRACASH ORCHESTRA

Password Production во соработка со „Скопско Лето“, со задоволство го најавува концертот на Marracash Orchestra, германскиот бенд чии настапи ветуваат несекојдневно музичко искуство и одлична забава.


Marracash Orchestra е група која ја прославува невидената мешавина на музичките стилови. Шесточлениот состав во својот музички израз комбинира даб, панк, драм’н’бејс, хип хоп и други стилови, оформувајќи неспоредлив нов звук, кој во нивниот случај е препознатлив по уникатноста. Електронските ритмови, моќните гитари, тапаните и клавијатурите се совршено игриво искомбинирани. Резултатот е еден освежувачко анархичен и прекрасно разигран микс од разновидности. Нивните турбулентни настапи во живо се сѐ само не обични: апсурдни, разгневени и со безгранична енергија. Marracash Orchestra презентира свежи, уникатни настапи кои ги прекршуваат сите правила.

Германскиот секстет од Дрезден не познава граници, како географски, така и стилски. Ова ќе биде трета средба на Marracash Orchestra со скопската публика, а овој пат момците ќе ни го претстават и својот најнов, трет по ред студиски албум „Pandemonium“, кој беше објавен во мај годинава. Групата до сега одржа и преку 250 концерти ширум Европа, настапувајќи на самостојни концерти, но нивните настапи беа дел и од музичката програма на низа познати европски фестивали.
Концертот на Marracash Orchestra кој е дел од годинашната програма на Скопско лето, ќе се одржи на 28ми јуни, на просторот пред Универзална сала во Скопје. Влезот за нивниот настап е бесплатен за сите посетители.
Не ги пропуштајте!


На овој линк можете да го погледнете и официјалниот видео тизер на Marracash Orchestra за нивната летна турнеја!

Дискографија:
2006 – The First World Session
2009 – Potpoorism
2012 – Pandemonium
Интернет:
www.marracash.info
www.facebook.com/marracashorchestra
www.myspace.com/marracash
www.lastfm.de/music/Marracash+Orchestra
www.marracashtour.blogspot.com