Конечно: ЗАЗ

Конечно: ЗАЗ

Француската музичка ѕвезда Изабел Жефруа ака Заз, продолжува да ја воодушевува публиката на секој свој настап со уникатната харизма и вонсериските пејачки способности. Остануваат уште неколку дена до нејзиниот настап во Скопје, а во исчекување на првата средба со најпопуларната нова пејачка на светот, погледнете каква беше атмосферата на концертот на ЗАЗ во Љубљана, на 12ти мај. На овој линк можете да ги погледнете фотографиите и ексклузивното видео од концертот во распродадениот „Крижанке“ open air театар, препознатлив по одличната акустика. А таму, пред 5000 посетители, Заз повторно покажа дека добрата музика и искрените емоции не можат да се изгубат во преводот. Со неодоливиот шарм типичен за францускиот „џипси“ џез, Изабел Жефруа уште еднаш ја маѓепса публиката, а медиумите во Словенија ја опишаа како кревка убавица која на бината изгледа како вистински музички ѕвер!

Заз, настапи во Љубљана во рамките на нејзината прва голема турнеја. Следни се концертите во Австрија и Швајцарија, по што 17-члениот тим на интерконтиненталниот музички феномен од Монмартр, конечно ќе се упати кон Македонија. Заз, на 28ми мај за прв пат ќе се претстави пред македонската публика во Универзалната сала во Скопје. Во интервјуата за македонските медиуми, Изабел изјави дека со нетрпение ја очекува средбата со македонските фанови, ветувајќи многу убави моменти кои сака да ги сподели и да ги помине заедно со публиката на концертот во Скопје.

Ги известуваме сите заинтересирани за овој концерт кои сѐ уште не ги набавиле своите влезници, дека целосно се распродадени влезниците за Fan pit – стоење, ВИП делот и влезниците по цена од 800 денари. Останати се уште влезници само од третата категорија (седење) кои чинат 1200 денари. Поради малиот број на преостанати влезници, истите не може да се резервираат, туку може да ги набавите директно во продажната мрежа на МКтиктес (Југотон Рекордс – ГТЦ, прв кат).

Музичките критичари со восхит пишуваат за нејзиниот глас, „ пријатен и богат како вината од Бордо“, каде што Заз започна со своите музички перформанси, а потоа го освои Париз, почнувајќи со уличните настапи во Монмартр, па стигнувајќи сѐ до престижната „Олимпија“. Таа ја маѓепса публиката со својот моќен глас, комбинирајќи во својот уметнички израз различни стилови, од џез до блуз, од француски шансони до африкански, андалузиски, бразилски и латино музички влијанија. Заз за мошне кратко време стана најпосакуваната пеjачка на сите светски дестинации. Овогодинешната турнеја на Заз започна во Франција, продолжувајќи кон Јапонија, Белгија, Германија, Украина, Русија, Полска, Турција, Чешка и Швајцарија, по кои концерти Изабел Жефруа ќе ја посети и Македонија, а во окружувањето таа ќе има свој настап и во Бугарија, Србија и Хрватска, каде што влезниците за концертите се движат од 25 до 60 евра. Новата Édith Piaf, како што ја нарекуваат во Франција и Америка, во Скопје доаѓа со својот бенд за да ги претстави своите мегахитови на македонската публика.