Ти Треба Некој

Ти Треба Некој

По објавувањето на првиот сингл „Африка“, за кој Суперхикс ја освоија наградата на „Златна Бубамара на популарноста“ за најдобар спот и хит на годината, и успехот со хеви звукот на песната „На лута рата“, заклучуваме дека Суперхикс вистински ги размрдаа своите фанови со уште една одлична најава на албумот. Само неколку дена откако неодамна објавениот сингл „Ти треба некој“ почна да се врти по македонските радио станици, Суперхикс го промовираа и видео записот за оваа песна. На 22ри мај, премиерно беше емитуван спотот во режија на Благоја Неделковски, а истиот веќе постигна и свој рекорд со официјалното објавање на youtube интернет каналот. Имено, само во првите 10 минути од поставувањето на youtube, видеото на Суперхикс имаше 100 прегледувања што е досегашен апсолутен рекорд за македонските видеа на интернет медиумите.

Еве и еден од коментарите на Youtube: “конечно достојна химна за 70% од македонската женска популација”!

„Ти треба некој“ е логичен продолжеток на поранешните полу-хит теми на Хикси како „Не сум твој тип“, „Чкембе Чорба“ и сл. и, како што изјавуваат Хикси, тоа е типична приказна за скопското „љубовно“ секојдневие. Приказна за големата љубов помеѓу една фина скопска девојка-домаќинка и успешен скопски криминалец, мафијаш и уценувач.
Во видео изданието на истата, Суперхикс, преку разноразни вежби и акробатски дисциплини сакаат да ја истакнат потребата од итен спортски ангажман на локалното население како би добиле во наредните месец-два, барем еден олимпиец со норма за претстојните ЛОИ во Лондон. Суперхикс сметаат дека и самите можат да го прифатат предизвикот – учество на ЛОИ! Секако доколку МОК тоа го дозволи!


За синглот „Ти треба некој“ Суперхикс направија препев и на српски јазик, а видео спотот за српската верзија ќе ја има својата официјална промоција во понеделник, 28ми мај на регионалниот музички канал, MTV Adria. Зад музиката и аранжманот на песната „Ти Треба Некој“ застанува целиот бенд, автор на текстот е Петар Младеновски, а продуцент повторно, како и на претходните два сингла, е Гоце Симоновски.


На овој линк може да го погледнете видео спотот за синглот „Ти треба некој“, а тука се и фотографиите од неговото снимање, кои бендот ги објави на својата официјална фејсбук страница. Уживајте!