Кирил Џајковски 2012

Кирил Џајковски 2012

Изминатата година, по богатата турнеја во чии рамки одржа концерти низ Германија, Полска, Белгија, Луксембург и балканските земји, познатиот македонски продуцент и диџеј Кирил Џајковски ја продолжи својата мисија работејќи и на музиката за два филма, „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“.
Во четврток, 17ти мај Кирил Џајковски ја продолжува низата успешни настапи и го означува стартот на новата концертна година. Првиот настап од овогодинешната турнеја е закажан во Шпанија, на Festival Reperkusion во Алариз. Кирил ќе настапи на овој фестивал со својот стандарден музички состав, а заедно со Manu Chao La Ventura се главните хедлајнери на првата фестивалска вечер. Останатите денови на истата фестивалска бина настапуваат иДубиоза Колектив, Festicultores Troupe, Funky Style Brass, Russkaja, Os 3 Trebóns, El Canijo de Jerez, Os Bohemian Betyars, La Troba Kung-Fú.

Балканскиот електро пионер го потврди својот настап и на славниот LENT фестивал кој се одржува во Марибор, Словенија. Со повеќе од 300 изведувачи и вкупно 500.000 посетители, LENT е еден од најголемите open air фестивали во Европа и најмасовниот фестивал од ваков тип во Словенија. Само дел од музичките ѕвезди кои покрај Кирил, ќе настапат годинава на овој фестивал се Macy Gray, Tito & Tarantula, John Scofield, Skindred, Dhafer Youssef, Lucky Peterson. На претходните изданија овој фестивал беше домаќин на многу од светски најпознатите музички имиња, вклучувајќи ги и Ray Charles, B.B. King, Jose Feliciano, Stéphane Grappelli и низа други.
После Словенија турнејата на Кирил Џајковски продолжува на 13ти јули, кога тој ќе одржи свој концерт и пред домашната публика, во Прилеп, а само ден потоа продолжува во Франција, каде што ќе настапи во рамките на Latino Roc фестивалот. Лајн-апот на овој фестивал, годинава ги вклучува и Zaz, Lа Caravane Passe, Mazacote & Maria Otchoa & La Sonora Cubana, Beat Torrent, Vagabontu, Elektric Geisha, La Rotule 50′s, DJ Chat Noir.


На 21ви јули, Кирил Џајковски ќе биде пречекан и на најголемиот музички фестивал во Франција Les Vieilles Charrues – кој се одржува во гардот Carhaix и секоја година привлекува повеќе од 200.000 посетители. Кирил Џајковски таму настапува на главната фестивалска бина, која истата вечер е резервирана и за настапите на Sting, HF Thiefaine, Justice и The Rapture.Помеѓу хедлајнерите на овогодинешното издание на овој фестивал кој ќе се одржи од 19ти до 22ри јули се и светските ѕвезди како Bob Dylan, Gossip, Kasabian, Garbage, Santigold, Amadou & Mariam, The Cure, Block Party, Metronomy, Portishead, Keziah Jones, Zebda, LMFAO и уште многу други.
Во меѓувреме следуваат и низа настапи низ регионот, а додека се исполнува концертната листа за оваа година, ги очекуваме и импресиите од новите концертни успеси на Кирил.