Банда инструментале во поход

Банда инструментале во поход

Балканската турнеја на неуморната банда инструментале Суперхикс го забрзува своето темпо. Хикси тимот утре настапува во Загреб во рамките на Avenue Mall Fresh! Open Air концертите, каде што ќе ја делат сцената со Mangroove и Jinx, а ден потоа ги очекуваат и нивните фанови во Риека. Таму концертната ска атракција ќе се одржи во Стерео Дворана, а фештата ќе биде надополнета со настап и на нивните добри француски пријатели Joke и Антенат, најдобриот хрватски ска бенд, или поточно субреге бенд, како што тие самите го нарекуваат својот музички стил.

По велигденската посета на Хрватска, Хикси ги очекуваат во Србија како хедлајнери на тридневниот Trenchtown Festival, кој годинава го има своето дванаесетто издание, а се одржува во преубавата природна оаза, Етно кампот кај Палиќа. Суперхикс настапуваат на првиот фестивалски ден, 30. април, заедно со Ева Браун, со кои веројатно и заедно ќе заминат кон Trenchtown, после концертот на Ева Браун во Скопје, само два дена претходно, на 28. април. Покрај нив, истата фестивалска вечер ќе настапат и Eyesburn.

Групата која годинава го остварува своето полнолетство, славеничката турнеја ја започна на 17. февруари, со концерт во легендарниот загребcки клуб KSET, а ден подоцна февруарскиот поход се придвижи и кон Словенија на карневалот Kurentanc во Птуј, каде што настапија и Дубиоза Колектив, Дискобајаги, Magnifico + Turbolenza, Lollobrigida, M.C. in The Boonker.

После 50те одржани концерти лани, настапувајќи низ 10 земји со имиња како Bad Religion, NOFX, Asian Dub Foundation, Gogol Bordelo и Flogging Molly, јасно е дека и јубилејната година ќе помине во знакот на она што овие момци најдобро го прават, а тоа се токму нивните настапи во живо.

Деновите кога не се на концертните бини, Суперхикс најголемиот дел од своето време го поминуваат во студио, подготвувајќи го новиот албум, па наскоро очекуваме да го споделат со својата публика и првиот сингл од новиот материјал, колку да ја загасиме жедта исчекувајќи го големиот концерт по повод 18годшнината од постоењето на бендот.