SMUT со нов албум

SMUT со нов албум

Во вторник, 10. април 2012 година, фановите на хардкор звукот ќе имаат прилика да го „запознаат“ последното студиско издание на SMUT, еден од омилените хардкор бендови кај нас. Официјалната промоција на нивниот нов албум „Мемоарите на скршениот човек“ ќе се одвива во скопското кафуле „Љубов“, од 20:00 до 22:00 часот.

SMUT е хардкор бенд кој ја започна својата кариера во 1996та година, а момците од бендот (Иловски Ѓорѓи- вокал, Антовски Благоја-тапани, Најдовски Дарко-бас, Дејан Николовски-гитара и Горан Ристевски-гитара) денес веќе важат за херои на хардкор сецената во Македонија. Smut со сигурност се вбројуваат меѓу омилените бендови на верната домашна публика на цврстиот звук. Smut во своите песни обработува теми од секојдневниот живот и сите негови аспекти со кои се заокружува постоењето на еден човек. Групата е препознатлива по непоколебливата моќна гитара, впечатливиот цврст звук на тапани и испреплетениот бас звук кој совршено ги спојува другите два инструмента. Во целата инструментална приказна, вокалот се наметнува со својата специфична моќност за промена од „гринд“ до способност за мелодично пеење и мешање на „скрим“ делови, со што песните се трансформираат во целосно реализиран музички пакет. Потврда за својот успех Smut добија имајќи чест да настапуваат на иста сцена со бендови како Sick Of It All, Biohazard, Integrity, Hatebreed, Madball, Ignite, Defdump, Born from Pain, Death Before Dishonor. Зад SMUT постојат четири офоцијални изданија: „Smut“, „Forever is not enough“, „All I Have“ и последниот албум „Мемоарите на Скршениот Човек“.

“Мемоарите на Скршениот Човек” е нивниот нов, четврти студиски албум, кој е во издание на „Password Production“ и е сниман на разни локации. Инструментите се снимани кај Евгениј Каревски, за вокалот беше задолжен Владимир Аговски во “Долината на Сенките”, а за сѐ останато Smut патуваа на релација Скопје –Софија во студиото „Soundlurker“ каде беше реализиран целиот сет од едитирање, миксање и мастеринг од страна на Боби Костадинов.
За пакетот да биде целосен се погрижи уметникот и дизајнер Васил Васев кој долго време го поврзуваше визуелниот изглед на омотот со текстовите и нивната порака. Албумот содржи десет моќни композиции низ кои Smut ја испреплетуваат болката на еден млад човек и неговата конфузна реалност кој целиот свој живот го поминал во транзиција.

На промоцијата на 10ти април, во „Љубов“ ќе биде промовиран и спотот за песната “Срце на Бина” режиран од Владимир Митревски.
Приказната продолжува…