RASMC во Колосеум!

RASMC во Колосеум!

Password Production со задоволство најавува дека „светскиот мега цар“ Рамбо Амадеус доаѓа во Скопје со нов возбудлив концертен настап, во сабота, 5. мај 2012 година. Концертот на артистот со неприкосновен музички израз, кој е култна фигура на балканската музичка сцена и миленик на домашната публика, ќе се одржи во клубот „Колосеум“. Рамбо Амадеус е е препознатлив со својата луда џез-фанк музика, ироничните текстови и непредвидливите настапи во живо, зачинети со брутална сатира, која се граничи со стенд-ап комедија. Неговите фанови овој музички жанр го нарекуваат „аудио терапија“.Тој во моментов е актуелен и со неговата последна песна „Еуро Неуро“ со која ќе ја претставува Црна Гора на натпреварот за песна на Евровизија 2012, во Баку, Азербејџан. Откако претходно жестоко ја напаѓаше Евровизија како кич-манифестација, Рамбо Амадеус, кому му се својствени контроверзиите и бизарните проекти, влегува во овој проект со изјавата: „Јас сум светски мегацар, попотребен сум ѝ на Евровизија отколку таа на мене“. Видео записот за „Еуро Неуро“ веќе има повеќе од половина милион гледачи на социјалните мрежи.

Рамбо Амадеус, композитор, писател и шоумен, за време на музичката кариера успеа да остане јасно дистанциран од вообичаената музика привлечна за радио уредниците, често користејќи пародија за да ги изрази своите убедувања. Името на Рамбо Амадеус е поврзано и со создавањето на терминот „турбо фолк“, а неговиот посебен музички став многумина го споредуваат со оној на Френк Запа и Капетан Бифхарт. Неговите песни комбинираат сатирични текстови за природата на обичните луѓе и глупоста на локалната политика. Познат и како „шармантниот крал на веселиот поп“, неговите концерти никогаш не се проста репетиција на снимените песни, туку мешавина од музички импровизации и хумор кој ги искористува сите аспекти на човековата природа на суров начин. Пред шест години тој беше назначен за првиот амбасадор на УНИЦЕФ во Црна Гора. Во последно време ја користи својата креативност и слава најдобро што може со цел да допринесе на УНИЦЕФ иницијативата за создавање средина без насилство во училиштата. Рамбо Амадеус има издадено 19 албуми, и има освоено бројни награди за неговата музичка работа, вклучувајќи и „Гранд При“ на филмскиот фестивал во Валенсија (Шпанија) за музиката во филмот „Бумеранг“ и „Златна Роза“ на Монтро фестивалот во Швајцарија.

Неговиот настап во Скопје, на 5ти мај во клуб „Колосеум“, е со почеток во 21:00 часот. Влезниците за овој концерт чинат 300 денари во претпродажба (350 денари на врата), а истите можете да ги набавите на продажната мрежа на тикет сервисот mktickets.mk