Мултикултурализмот во музиката

Мултикултурализмот во музиката

Во рамките на offTaksirat програмата, на 28ми ноември во галеријата на Младинскиот Културен Центар, ќе биде отворена музичката изложба насловена „Мултикултурализмот во музиката“. Оваа изложба е инспирирана од две главни поенти, „Излези од Западниот балон“и „Не гo игнорирај неверојатниот спектар и разновидноста на не-Западните звуци… култури“. Концептот на изложбата ќе им овозможи на посетителите на директен начин да увидат како елементите на традиционалната музика се пренесени од страна на современите музички артисти, и на кој начин различните влијанија се претопуваат во она што ние денес го гледаме како „глобална поп култура“. Изложбата ќе биде отворена на 28ми ноември (понеделник) во 20:00 часот, а ќе биде поставена до 15ти декември 2011 година.

“Мултикултурализмот во музика” е пилот-проект, инициран и имплементиран од INmusic фестивал (Загреб), Exit фестивал (Нови Сад) и ТАКСИРАТ фестивал (Скопје). Во поширока смисла, проектот се занимава со феноменот на културната разновидност, преку мултимедијален и мулти-димензионален третман на различните култури. Главната цел е да се укаже на универзалноста присутна во сите културни разлики, кои се прикажуваат како различни манифестации на универзалната човекова култура. Оваа универзалност во различноста е услов за постоење на културните влијанија кои се конститутивен дел во секоја култура. Уметнички израз во целина, а музика особено, е областа каде што овие влијанија се манифестирани и пренесени без предрасуди.

Последната физичка граница која те дели Тебе од Светот, има дебелина на лист и гори како салфетка! Tвојата кожа …е твоето прво ГЕТО. Во просек сo дебелина од 2-3мм! Затоа почнавме да градиме гета, сѐ поголеми и поголеми гета: соба, куќа, градска тврдина, државна граница… Музиката е една од ретките сигурни сфери каде средбата на Израелецот и Палестинецот не завршува со молотов коктел, туку со хармонија, убава до болка! Хармонија доволно мудра да ги трансцендира културните запирки и доволно храбра да ја интересира само што има зад тие 2 до 3мм. Секаде и кај секој исти. Државните граници се менуваат… не и тие 2мм. Кога ќе решиш да излезеш надвор …од своето гето, запомни дека од 28 Ноември до 15 Декември е отворена изложбата “Мултикултурализмот во музиката“, поделена во 3 пункта. Првите два ги претставуваат Buraka Som Sistema и Asian dub foundation, бендови кои доаѓаат од западни земји (Португалија и Велика Британија), а емитираат не-западни ритмови ,мелодии, приказни ..звук на ситар, табла, кудуро, или саундтрак на Индија, Ангола, Пакистан, Мексико. Третиот пункт е визуелна ретроспектива на изминатите 12 изданија на фестивалот Таксират кој во континуитет нѐ спојува со различни култури… звуци.
Излези надвор …
Ангола, Мексико … во Галерија МКЦ.

*Овој проект е финансиран со поддршка од Европската Комисија. Оваа публикација ги одразува единствено ставовите на авторот, и Комисијата на никаков начин не може да се смета одговорна за било какво искористување кое може да бида направенo на информациите содржани во неа.

***

Потсетуваме - во тек е претпродажбата на влезниците за овогодинешниот Таксират, со цена од 800 денари. Истите можете да ги купите онлајн на website.mktickets.mk, како и во продажната мрежа на Таксират и салоните на ONE низ Македонија. Билетите на билетарата пред Метрополис Арена, на 03 декември, ќе чинат 1000 денари.