MUSIC WITHOUT BORDERS DAY

MUSIC WITHOUT BORDERS DAY

Таксират го најавува отворениот музички хепенинг Music Without Borders Day кој ќе се одржи на 26ти ноември, во рамките на offTaksirat програмата. Концертната програма на овој настан ги вклучува настапите на Нежни Далибор, Канон, Scratch That Drum, Алек Ангелов, Таксират резидент диџеи, како и проекции на музички документарци. Music Without Borders Day ќе се случи во сабота, на новоотворениот паркинг под Железничка Станица од 18:00 часот, а влезот е слободен. Посетителите можат да очекуваат и бесплатен чај, а за настанот ке биде обезбедено и специјално греење.

Нежни Далибор е инди рок состав, дел од новиот музички бран во Србија, кој започна како средношколски бенд во 1995. во Врање. По периодот на промени во составот, во 2005. конечно започнува нивната кариера како трио, а после две години го имаат и своето дискографско деби на компилацијата Јутро че промјенити све, со хит синглот “Значајан догаџај“. Од тој момент групата бележи значително поголем број на настапи во Србија и регионот. Во 2008 година Нежни Далибор го објавува и својот прв албум Средства и вештинe за издавачката куќа Одличан Хрчак, а минатат година истиот беше реиздаден и поставен за бесплатно интернет превземање под Exit Music етикетата. На Таксират доаѓаат промовирајќи го Нормалан Живот, нивниот нов актуелен албум на кој се наоѓаат 11 нови песни, карактеризирани со приметливо поенергичен стил на Нежни Далибор.

Canon е друштвен колектив, кој како маалски бенд постои од 2000 година. Во 2003. почнува да свири реге музика, а синглот „Излези“ го објавува во 2006, снимен со Нелектронски Гуру од E Go East Records, со кого групата го објавува и првиот албум Глобално Засмејување. Веќе подолго време, реге колективот Canon ги подготвува песните за вториот албум Macedonian Atra Roots, а некои од нив веќе ги презентираат на нивните настапи.

Алек Ангелов е шестнаесетгодишно момче од Скопје кое навидум изгледа сосема обично, но под тоа „обично“ се крие неговото мрачно алтер-его Kreepr. Најновото дабстеп изненадување доаѓа од DJ кујната на Kreepr. На Music without borders од Kreepr очекувате агресија, еуфорија, шутки и солзи.

Овој музички хепенинг е истовремено дел од двегодишниот интернационален проект МУЗИКА БЕЗ ГРАНИЦИ или MUSIC WITHOUT BORDERS, кој е поддржан од Европската Комисја (ИПА Програма) и се одвива под лидерство на Култруактив (Германија), а во партнерство со Здружението за култура и уметност Таксират (Македонија), Граѓанското здружение Генератор (Србија) и Mировна Група Младих Дунав (Хрватска). Активностите на проектот се фокусирани на музичарите и културните оператори во областа на музиката вклучувајќи невладини и граѓански здруженија, локална администрација, менаџери, промотери, фестивали, издавачи, медиуми и секако, самите музичари, пред сѐ млади, но надежни музичари на кои им треба помош и советување за развој на нивната кариера и поддршка на нивниот талент.

Потсетуваме – во тек е претпродажбата на влезниците за овогодинешниот Таксират. Веќе се распродадени првите 1000 промо-влезници за главната фестивалска вечер, по цена од 600 денари и од понеделник (21.11.) стартува продажбата на Таксират влезниците со цена од 800 денари. Истите можете да ги купите онлајн на website.mktickets.mk, како и во продажната мрежа на Таксират и салоните на ONE низ Македонија. Билетите на билетарата пред Метрополис Арена, на 03 декември, ќе чинат 1000 денари.