Позитивен Концерт – Поблиску до нула!

Позитивен Концерт – Поблиску до нула!

Таксират, како и секоја година, во рамките на своите активности за подигање на јавната свест и давање позитивен пример, повторно се приклучува кон светската кампања за борба против ХИВ/СИДА и поддршка на лицата заболени со ХИВ, организирајќи го веќе препознатливиот „Позитивен Концерт“, како дел од пред-фестивалската програма. Позитивниот концерт секоја година се одвива под различно мото, но за иста цел. И овојпат ќе ја придвижиме позитивната енергија до својот максимум или кажано во контекст на кампањата: ПОБЛИСКУ ДО НУЛА! Имено, мотото под кое годинава се одвива кампањата е „Доаѓање до нула: нула нови инфекции, нула смртност поврзана со ХИВ/СИДА и нула дикриминација“.  Покрај домашните артисти, концертот ќе добие и инетрнационално музичко засилување со бендовите Kawasaki 3P, Rise of Artificial, Jaya the Cat и DJ Lazy Face.

Позитивниот концерт е закажан на 1 декември, Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА, а ќе се одржи во скопкиот клуб „Колосеум“, со почеток во 21:00 часот. Влезниците за овој концерт чинат 50 денари.

Кавасаки 3П е хрватски бенд, оформен во 1993. година. За време на деведесеттите години K3П има снимено неколку демо снимки, настапува по загрепските клубови и на неколку фестивали, каде освојува награди за најдобар демо бенд и полека стекнува култен статус во градот. Но, пошироката јавност ја запознава групата во 2003. година кога, со провокативен настап на хрватскиот избор за Евровизија, ја шокира јавноста и истовремено се здобива со општа наклонетост на публиката. Тоа беше прва панк-рок субверзија на овој зачмаен фестивалски натпревар. Тогаш го објавија и првиот албум „Кавасаки 3П“, кој ја освои наградата „Порин“ за најдобар албум од алтернативната музика, како и независната рок награда „Црни мачак“ за надеж на годината. Синглот „Антонија“ од овој албум стана ултимативен хит и ги освои првите места на музичките листи на радио станиците. Музиката на Кавасаки 3п може да се опише како мешавина на панк/ска/реге рифови со неизбежните дувачки инструменти кои се провлекуваат низ речиси сите песни.

До објавувањето на следниот албум „Иду бугари“, поминуваат шест години во кои бендот доживува и промена на членовите, но по тие промени групата звучи значително поцврсто, технички потковано и трубачки повпечатливи. Бендот кој работи на овој албум го сочинуваат: Томислав Вукелиќ – Томфа (вокал), Давор Видука (гитара), Тони Бабаровиќ – Бабке (гитара), Марио Боршќак (бас), Стјепан Јурековиќ – Штеф (тапани), Демирел Пашалиќ (труба), Игот Павлица (труба), Стипе Маџор (труба). Овој албум содржи 16 песни од кои за прв сингл беше одбрана песната „Пута мадре“, но се издвоија и песните „Ни да ни не“, „Мате Парлов“, „Нискараста ман“ и „Анѓелко“. „Иду бугаре“, само месец дена по објавувањето стана најпродаван албум во Хрватска и на бендот му донесе бројни награди. Кавасаки 3П и на овој албум е верен на својот карактеристичен панк/ска/реге звук со извонредна брас секција. Вокалниот израз и понатаму е комбинација на искрена шанк-поезија и автоирониски хумор зачинет со мирисот на загрепскиот асфалт и харизматичниот глас на Томфа. Но сепак, за целосно да се доживее бендот треба да го видите во живо. На сцена фантастичниот К3П октет произведува експлозија на моќен звук и добра забава.

Потекнувајќи од Бостон, а денес стационирани во Амстердам, Холандија, Jaya the Cat свират некомпромисен и оригинален микс на реге, панк-рок и ска музика. По објавувањето во 2001 година на нивниот деби албум „Basement Style“, групата започнува турнеја низ САД и Европа, настапувајќи во големите клубови и музички фестивали. Нивната музика се појавува и на бројни скејт, сурф и сноуборд видеа. Во 2003. година го објавуваат својот втор албум „First Beer of a New Day“. Иако албумите наидоа на позитивни критики и успех и собраа лојална фан база ширум светот, поради личните разлики двајца членови го напуштаат бендот, а Geoff Lagadec (вокал, гитара) и David Germain (тапани) одлучуваат да најдат нови членови, па за таа цел заминуваат во Амстердам. Нивниот тригодишен престој во Амстердам резултира со „More Late Night Transmissions with Jaya the Cat“, нивното прво издание како „трансатлантски“ бенд со Jordi Nieuwenburg на гитара и Jan Jaap Onverwagt на бас и клавијатури. Со преселувањето во Амстердам, групата продолжи да напредува, со стотици настапи во живо и постојано додавајќи клавијатури, семплови, перкусионисти, па понекогаш дури и тики бар на нивните сценски настапи. Еден просечен Jaya the Cat концерт со публика која пее, игра и пие заедно со бендот, повеќе личи на забава отколку на перформанс. Во меѓувреме групата работи на продолжението на ‘More Late Night Transmissions‘. Годините поминати во турнеи, патувања и забава низ различните музички култури во Европа го проширија звукот на бендот, музички, но и во однос на текстовите, но секако при тоа задржувајќи го својот суштински панк и реге елемент. Овие нови искуства ќе бидат рефлектирани во нивниот следен албум, кој се очекува да биде објавен на крајот од оваа година, а кои пред-премиерно ќе ги чуете и на концертот во Скопје.

Jaya the Cat на Позитивниот концерт во Скопје ќе имаат музичка поддршка и од бугарскиот ди-џеј Lazy Face (Jamaican Air Force) од Софија.

denq5c

Истата вечер, во клуб Колосеум, ќе настапат и Rise Of Artificial. Станува збор за музички проект оформен во 2010 година, од страна на двајцата значајни и најталентирани електро продуценти во Романија, Bogdan Popoiag (UNU’) и Cezar Stanciulescu (Junkyard). На први декември 2010. година R.O.A. на YOU TUBE го поставија нивниот прв сингл „Ne place“ и неговата англиска верзија „We like it“ и за помалку од два месеци синглот имаше повеќе од 4 милиони гледања. Сите ТВ и радио станици во Романија ја пуштаа песната која истотака се емитуваше на MTV и Music Channel Hungary. Деби албумот „Artificial“ беше издаден во мај годинава за EMI лиценцираната куќа, Cat Music. Групата во 2011. година одржа низа концерти низ Европа, а настапуваше и како предгрупа на Moby, Pendulum и Asian dub foundation, додека пејачот Junkyard  со својот претходен бенд настапувал како предрупа на Depeche Mode и Underworld. Rise Of Artificial ги освоија и наградите за најдобар албум и најдобар артист во 2011 година, на Romanian Music Awards.

atswmw

Потсетуваме – во тек е претпродажбата на влезниците за овогодинешниот Таксират. Првите 1000 влезници по цена од 600 денари веќе се намалуваат. Истите можете да ги купите онлајн на website.mktickets.mk, како и во продажната мрежа на Таксират низ Македонија.