Fat Joe на Таксират

Fat Joe на Таксират

Таксират ви најавува уште едно име од главните изведувачи кои го потврдија својот настап на финалната вечер. Таксират бината, оваа година на 3ти декември во Метрополис Арена, ви го носи Fat Joe, eден од највлијателните рап артисти, музичар со албуми продадени во повеќе од 2.5 милиони примероци, кој постојано ги освојува врвовите на топ листите. Тој е артист, не кој го следи, туку кој го создава хипхоп жанрот. Fat Joe постојано ги руши границите на музичката индустрија како мулти-платиниумски латино артист. Тој ја има зацврстено својата надмоќна позиција како еден од неколкуте латино рапери кои се инфилтрираа во доминантната афро-американска рап сцена и стана значаен фактор во музичката индустрија, при тоа станувајќи препознатлив и како откривач на успешни млади артисти, а само мал дел од имињата со кои тој соработува се Jennifer Lopez, Ashanti, LL Cool J, Ludacris, Ja Rule, Busta Rhymes, Puff Daddy, Lil Kim, Eminem.

Joseph Antonio Cartagena, познат под неговото сценско име Fat Joe (ака Fat Joe da Gangsta, Joey Crack) е американски рапер со потекло од Бронкс, Њу Јорк. До уличниот животен стил тој доаѓа преку својот постар брат, а до откривањето на рап музиката преку звукот на рап пионерите како Theodore, Funky 4 + 1 и Furious Five. Под својот музички псевдоним, Fat Joe во 1993та година го објавува својот деби албум Represent, на кој се наоѓа и синглот „Flow Joe“ кој изби на првото место на Billboard’s Hot Rap Singles листата. Две години подоцна, Fat Joe го издава и својот втор студиски албум Jealous One’s Envy кој вклучува соработки со KRS-One и продуцентски гостувања на имиња како DJ Premier, L.E.S., и Domingo. Успехот на овој албум ќе го доведе Fat Joe до гостувањето на големиот хит на LL Cool J, “I Shot Ya” (заедно со Foxy Brown и Keith Murray) и соработката со Raekwon од Wu-Tang Clan на синглот “Firewater”.

Во доцните деведесетти, Fat Joe потпишува договор за соработка помеѓу Atlantic Records и Mystic Entertainment (етикета која ја раководи со партнерот Big Greg). На следниот албум Don Cartagena, кој го издава за оваа музичка куќа, гостуваат Puff Daddy, Nas, Raekwon, Big Pun и Jadakiss (the LOX). Во 1999, тој се појавува и на синглот „Feelin’ So Good“ на Jennifer Lopez. Во 2001 следува албумот Jealous Ones Still Envy (J.O.S.E.), на кој се вклучени соработки со Ashanti, Ja Rule, N.O.R.E., Busta Rhymes, Ludacris, Petey Pablo, M.O.P., R. Kelly и Remy. Loyalty следуваше во 2002 година, а All or Nothing се појави три години подоцна. Во тој период е објавен и неговиот најпопуларен хит сингл “Lean Back“, кој беше бр.1 хит во 2004 година.  Во 2006 година. Fat Joe го објавува „сировиот“ Me, Myself and I за неговата сопствена етикета Terror Squad, која има договор за дистрибуција со EMI. Неговиот втор албум за оваа етикета The Elephant in the Room се појави во 2008., а една година подоцна, Jealous Ones Still Envy 2 пристигна поткован со имиња на многу ѕвезди во листата на гостувања, а на кој се најдоа и хитовите “What’s Luv” и “We Thuggin”.  Во 2010. со синглот “(Ha Ha) Slow Down” беше најавено појавувањето на албумот The Darkside. Во интервју од септември годинава, Fat Joe изјави дека следи објавувањето на неговиот прв микстејп Darkside Vol.2 на кој ќе се најдат и песните „Massacre on Madison“ и „Drop a Body“, кои веќе беа објавени годинава. Тој, истотака, изјави дека работи и на неговиот единаесетти албум кој сеуште не е именуван, а од кој во октомври беше издаден и првиот сингл „Another Round“, во продукција на Cool and Dre и Young Lad, на кој гостува Chris Brown.