Диџејот на диџеите

Диџејот на диџеите

Го најавуваме вториот потврден хедлајнер на Green Beach фестивалот кој со програмата за своето второ издание ветува дека повторно ќе биде број 1 летна забава. Покрај веќе најавениот настап на Carl Cox, една од првите асоцијации за клубската музика и култура воопшто, истата вечер ќе настапи и подеднакво возбудливиот и еминентен диџеј John Digweed.

Името на John Digweed веќе децениски е синоним за квалитет, генијалност и интегритет. Во 2001 година беше изгласан за број 1 диџеј на листата на популарниот DJ magazine и стана избор на широката публика но тој воедно го задржува и своето долго присуство во андерграунд денс културата. Од 1998 до 2008 година постојано е дел од листите на топ 10 најдобри диџеи, додека во 2010 година беше изгласан на 29то место во годишниот избор за Топ 100 листата на DJ Mag.

Digweed, предводникот и eден од највлијателните изведувачи на електронската сцена, по трет пат пред македонските фанови на денс музиката ќе го претстави својот уникатен музички стил, кој е секогаш различно категоризиран како транс, хаус, прогресив и електроник, а сепак нема ниту една жанровска етикета која може точно да се примени за него.

На почетоците од неговиот развој како диџеј, John Digweed ја прослави својата клабинг кариера букирајќи го токму маестрото Carl Cox на своите први забави, а на 29ти јули двајцата ДиЏеј великани ќе се претстават со свој сет пред публиката на плажата Парк во Охрид. Фестивалот Green Beach, во организација на Octopussy Entertainment и Password Production, продолжува и оваа година со единствената атмосфера, одлична забава и внимателно селектирана музичка програма од која наскоро ќе бидат објавени уште информции.

John Digweed биографија:

Ако не сте од оние кои страстно ја следат денс музиката, но сте и барем малку во тек со поп културата, веројатно веќе сте ја искусиле музиката допрена од рацете на John Digweed. Стартувајќи ја кариерата во Англија, но со сигурност освојувајќи ја глобалната сцена уште пред една декада, Digweed одамна го има зацврстено своето име на страниците од историјата на денс музиката. Најмалку што може да се каже за листата на неговите достигнување е дека таа е револуционерна. Меѓу значајните моменти во неговата кариера се вбројуваат: првата вистинска диџеј микс компилација (“Renaissance”, која ја прави заедно со Sasha), да се биде првиот британски резидент диџеј во тогаш најпознатиот клуб во светот Twilo во Њу Јорк (заедно со Sasha) како и издавањето ремикси за артисти како Humate, New Order, Way out West, Evolution, Satoshi Tomiie, The Orb, Underworld и Danny Tenaglia.

John Digweed е диџеј на диџеите. Убавината на она што тој го работи се крие во неговата поинаквост од неговите современици. Од неговите почетоци на 15годишна возраст за време на развојот на acid house сцената, па до врвот на интернационалната диџеј сцена, тој го создаде и го одржа нивото на интегритет кој е глобален репер за сите диџеи и продуценти. Всушност, врвот во својата професија тој го достигнува кога е изгласан за број 1 диџеј на листата на DJ magazine во 2001 година. Неговата популарност како диџеј и како личност се чини нема лимит, а неговите успеси го надминуваат диџејството бидејќи тој е исто толку успешен како продуцент и промотер. Неговиот лејбл псевдоним „Bedrock“ е всушност три нешта: рекорд лејбл, промотивна компанија и партнерство за студиска продукција (со Nick Muir). Неговото менаџирање и креативно насочување на Bedrock етикетата помогна да се лансираат кариерите на Danny Howells (со Dick Trevor како Science Department), Jimmy Van M, Chris Fortier и Phil Thompson (Moonface). Тој имаше визија и креативно проникнување да ги изнајде миксовите и ремиксите од различни артисти како Rui Da Silva, POB, Freelance Icebreakers и the Second Hand Satellites. Етикетата ефективно послужи како основа за артистичка експресија и медиум за креативно остварување, овозможувајќи им на андерграунд артистите да се пробијат до широката публика. Да се има плоча издадена за Bedrock служи како глобален печат за продуцентски квалитет, генијалност и интегритет за продуцентите ширум светот.

Како половина од Bedrock продуцентското дуо тој донесе две траки (“Heaven Scent” и “For What You Dream Of”) на топ 40 скалилото, од кое стигнаа до хит филмот „Trainspotting“ како и филмот „Groove“, каде Digweed истотака ги испроба и сопствените способности за актерство. Тој и Nick Muir како Bedrock продуцентски тим, во 2002 година беа застапени и на холивудскиот филм “Stark Raving Mad”.

Неговото KISS100 радио шоу со години е едно од најуспешните радио емитувања за денс музика во Англија со интернет пренесување во целиот свет. Шоуто достигна култен статус меѓу слушателите кои преку интернет разменуваа cd-a и mp3-ки од емитувањата. John Digweed неделно ја споделува неговата радио платформа претставувајќи диџеи од целиот свет кои гостуваат во неговото шоу. Како личност недостатокот на претенциозност кај Џон е завиен со имагинативност и инвентивност. Тоа е една од причините што тој е еден од најреспектираните, најанализираните и имитираните диџеи во светот.