LORD OF THE DANCE, светските господари на танцот утре настапуваат во Скопје!

LORD OF THE DANCE, светските господари на танцот утре настапуваат во Скопје!

Светскиот музичко-сценски спектакл и врвна танчерска трупа LORD OF THE DANCE утре, во среда 11-ти април, настапува во вип арената „Борис Трајковски“ во Скопје! Најдоброто танчерско шоу на светот се враќа кај нас по цели 10 години и вкупно 5-те распродадени настапи пред македонската публика и тоа овој пат со целосно новото шоу „Опасни игри“ кое ја претставува неверојатната авантура во борбата помеѓу доброто и злото. Во оваа прилика LORD OF THE DANCE ќе го претстави пред македонската публика најдоброто од ирскиот фолклор со енергичност, уиграност, врвна танчерска вештина и сценска екстраваганција.

Комбинацијата на музика и танц ќе ја долови магичната приказна чии традиционални вредности се релевантни и во современиот контекст, а за тоа ќе придонесе и најсовремената технологија која ја збогатува сценографијата, со многу специјални и светлосни ефекти, видео проекции, вкупно 34 извонредни танчери на сцена, како и врвни акробати од светски калибар.

Lord of the Dance премиерното претставување го имаше пред повеќе од две децении на сцената на величенствениот лондонски театар „Колисеум“, а пред само неколку години доживеа и спектакуларна преобразба во новото светско сценско шоу уште повозбудливо од оригиналот, и тоа токму под режисерската палка на славниот сопственик на Гинисов рекорд Мајкл Флетли.

Утре, македонската публика со овој настап ќе има прилика да ја погледне музичко-танцовата претстава и спектакл кој уште од праизведбата во славната Вембли Арена од 1998-ма година сѐ уште го држи светскиот рекорд од 21 во низа распродадени изведби.

Kако специјален гостин на овој ексклузивен настан во организација на Таксират Фестивал и Пасворд Продакшн, со свој настап пред публиката ќе се претстави и ансамблот ТАНЕЦ - светски докажаниот амбасадор на македонскиот фолклор кој веќе шест децении претставува уникатен симбол на македонската култура и уметност!



Влезот за посетителите во „Борис Трајковски“ арена утре ќе биде отворен од 19:00 часот.
Настапот на ТАНЕЦ е закажан во 19:30 часот, а двочасовното шоу на LORD OF THE DANCE ќе започне во 20:15 часот.


За овој настан преостанати се уште многу мал број билети за кои треба да побрзате на билетарницата пред „Борис Трајковски“ арена, во продажната мрежа на МкТикетс или онлајн на овој линк.

Препуштете се во прегратката на извонредниот танц кој ќе ве одведе на патување исполнето со енергија и страст…“ - ни порачува екипата на LORD OF THE DANCE која утре ја пречекуваме во Скопје!