Таксират 20 ви претставува: LAIBACH во Скопје!

Таксират 20 ви претставува: LAIBACH во Скопје!

Култната словенечка група LAIBACH на 27-ми март 2018-та гостува со концерт во Скопје на кој пред македонската публика ќе го претставуви фантастичниот нов студиски албум „Also Sprach Zarathustra“! По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех, се враќа во Скопје и тоа првпат во МКЦ, на ексклузивен концерт со строго ограничен капацитет и во многу поинтимна атмосфера од било кога досега.

Музиката од новиот албум, LAIBACH ја компонираше за театарската претстава „Така зборуваше Заратустра“, основана на едно од најзначајните филозофски дела на Фридрих Ниче, а која ја режираше Матјаж Бергер во Антон Подбевшек театарот во Ново Место. Групата го најави овој албум и со два видеоспота, за нумерите „Das Nachtlied I“ и „Vor Sonnen-Aufgang“. Од светската критика пак, овој албум собра исклучителни пофални рецензии оценувајќи го делото како „проект кој е толку многу лајбаховски што е чудо дека не го реализирале порано“ (The Wire). Порталот „Cryptic Rock“ го нарекува овој албум сонично ремек-дело, а угледниот австриски Wiener Zeitung едноставно заклучува „LAIBACH се извонредни“.

Скопскиот концерт на LAIBACH е во рамки на европската турнеја за „Also Sprach Zarathustra“, на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, а кои не ги изведувале со години.

Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс и само во органичен број! Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.

LAIBACH уште на почетокот на 80-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 35 години кариера, тие сѐ уште важат за најголемиот меѓународно признат бенд од поранешните комунистички земји од Источна и Централна Европа, а и покрај светскиот успех, LAIBACH успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за „милитаристички индустријал“, со извонредни дела кои важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на LAIBACH е пред сѐ критикувачи уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ, а може да ве натера да размислувате, да танцувате и да марширате на истата музика.