Сајберпанк пионерите КИБОРГ се враќаат на сцена!

Сајберпанк пионерите КИБОРГ се враќаат на сцена!

КИБОРГ, култното име на македонската cyberpunk музичка сцена кое во музичката архива се запишува и како првиот industrial бенд во Македонија, по 20 години се враќа на сцената и тоа со концерт кој ќе се одржи на 2-ри декември во Младинскиот Културен Центар во Скопје! Со овој потврден настап во живо, КИБОРГ ја збогатува програмата на ПИН музичката конференција и шоукејс фестивал, организирана во рамки на ТАКСИРАТ!

КИБОРГ започнува кон крајот на минатиот век - летото '95 во Скопје.

Многу луѓе минуваат низ бендот, но поради раната фаза на трансплантација, се појавија проблеми со инфекции, отфрлање на делови и силни воспаленија.

По многу жртви, конечната постава беше дефинирана.

Направија неколку свирки, фестивали и се разбира, последнато шоу во '96 со „Young Gods“, кое им обезбеди место во музичката историја.

Во 1996 година издаваат лимитирана касета со 6 песни.

По 20 години, истите членови повторно се собраат за да продолжат со својот изворен CyberPunk, да проповедаат малку и се забавуваат ...

КИБОРГ се: Дарко Јаневски - вокал, Перо Стефановски – гитара, Горан Атанасов – тапани, Влад Каевски – клавијатури.

ВИДЕО: Cyborg - Kerosine (1991 Macedonia Industrial Rock / Electro) 

Концертот на КИБОРГ во Скопје е во рамки на завршната вечер на ПИН – единствената меѓународна музичка конференција и шоукејс фестивал во Македонија која ќе се одржува од 30-ти ноември до 2-ри декември во МКЦ! Само во концертната програма, македонската публика ќе има прилика да ужива во повеќе од 20 настапи за време на трите дена на ПИН. Покрај КИБОРГ, веќе се потврдени настапите и на LIARS (С.А.Д. / Австралија), BABA ZULA (Турција), МАРИО БАТКОВИЌ (Швајцарија), IT’S EVERYONE ELSE (Словенија), VIZELJ (Србија), EXCESSIVE VISAGE (Германија), а наскоро ќе бидат објавени уште многу музички артисти и гости на овој настан.