Ден за Бла Бла Бла…

Ден за Бла Бла Бла…

Денес согорува исчекувањето за промотивниот концерт, а Скопје и љубителите на автентични музички квалитети имаат уште една прилика да се пофалат со локалната креативна сцена. „Ќе ја запалиме 'Хавана', но наместо бензин ќе користиме звуци" им порачаа Blla Blla Blla... на своите фанови во едно од интервјуата пред концертот.

Blla Blla Blla... е подготвен за скопската промоција на нивниот, долгоочекуван нов албум. Маратонското снимање во домашното студио на бендот вредеше за исчекувањето на Lamtumirë. Новата колекција песни на Идриз Амети и пријателите беше најавена со сингловите и спотовите за песните „E keqja keq më la" и „Kujt i bije". Новиот албум Lamtumirë веќе почна да ги собира позитивните оценки на музичката критика. Lamtumirë е музичко искуство кое обезбедува доза опитмизам за музичката творечка сила кај нас: „Влегувам во сон во кој младите македонски музичари, наместо да црпат инспирација за нивната музика од истрошените тезга бендови, творат инспирирани од музика налик оваа на Blla Blla Blla. Модерна, прогресивна музика што не познава ни жанровски ни национални граница и припадности". (линк за комплетната рецензија http://ww.plagij.at/index.php?sajt=more&id=5167 )

По промоцијата во Приштина на 17-ти февруари, Blla Blla Blla... вечерва (25.03) се претставуваат пред скопската публика во клубот Хавана со почеток во 21 часот. Lаmtumirë е заедничко издание на Password Production и SURF.

Blla Blla Blla... биографија:
Бендот во состав: Идриз Амети (вокал), Никола Бочваров (бас), Кренар Исмаили (виолина) и Благојче Пенов (тапани), во време на политички немири, конфликти на интереси и создавање нови граници, како своја творечка база го поставија отпорот кон нездравата животна околина и уметничката активност, од која тргнаа со цел да го разубават и оправдаат своето постоење.

Blla Blla Blla... се оформени како бенд уште во 1988. На самите почетоци свиреле во клубови во Скопје и Приштина. Еден од најзабележителните настапи во нивната кариера е учеството на Нови Рок Фестивалот во 1990. По првите сериозни чекори и мирниот период по нив, бендот се реоформи во 1993та, експериментирајќи со различни музички стилови. Во 1998 бендот направи голема трансформација и вметна нов музички стил, препознатлив за нив под името Oversky Balkanishe Reform. 1999 излегува нивниот прв албум едноставно насловен Blla Blla Blla..., издаден од Bagi Music.

По овој албум, бендот доживеа успех на фестивали како Break-21 – Љубљана, Словенија, caravan-festival "No Borders" во неколку градови во Македонија, Nights of Jazz – Тирана, BBC pace and Pop Festival, Тирана, Crossing Bridges, Peja...

Во 2005та за Литиум Рекордс, го објавуваат својот втор албум, наречен "Oversky balkanishe Reform". Lamtumirë е нивно трето долгосвиречко издание.